април 8, 2020

Охрид, 8. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со музичарот Горан Папаз.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Папаз: Комплетната изолација е најлогична во овој период, се трудам максимално да ја почитувам, кога морам правам отстапки и излегувам од куќа-двор ама тие иако се ретки, се со голема претпазливост.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Папаз: Гледам да бидам физички активен, примамлива е фотелјата пред телевизорот во вакви периоди, ама ја избегнувам максимално. Вежбам, свирам, компонирам, играм со син ми, син ми (веќе) ме игра мене, градината ми е како аптека средена и така, кога се сака се наоѓа занимација.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Папаз: Книга, топло ја препорачувам „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери, филм „Бегството од Шошенк“ со Тим Робинс и Морган Фримен, Албум „Kind of Blue“ на Miles Davis, совршена серија за ова време, сите сме ја гледале (јас најмалце 5 пати, сите 10 сезони) „Пријатели“, безвременска е, хуморот ќе ни годи на сите.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Папаз: Би препорачал повеќе салати, конкретна храна не би препорачал, јадете што ви душа сака, еднаш се живее.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Папаз: Ќе се вратам на настапите, ќе се посветам на пријателите, имавме доволно време да анализираме кој навистина ни недостига и кој ни е вистински пријател. Ќе се обидам да не мислам на ова денес, мислам дека повеќето извлековме добра поука од ситуацијава. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука