април 9, 2020

Охрид, 9. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридската пастрмка претставува заштитен знак и синоним за ендемичноста на Охридското Езеро, но неконтролираниот лов ќе доведе до потполно исчезнување на истата, објавија од Нуркачкиот центар „Амфора“, од каде го промовираат документарниот филм „Танцот со пастрмките“.

– Целта на овој документарен филм е да се запознаеме со вековниот ритуал на Охридската пастрмка, каде се мрести, како се однесува при мрест, кои се реакциите при контакт со нуркач, а со единствена порака за нејзина заштита од изумирање. Документарниот филм е сниман во текот од пет сезони во зима декември, јануари и февруари во период кога охридската пастрмка доаѓа во плитки води да се мрести. Направени се повеќе од 50 часа снимен материјал и над 300 подводни фотографии. Нуркањата беа изведени во екстремни и ноќни услови, на температура на вода од 6 до 7 целзиусови степени, во присуство на планктон, струења, заматена и разбранета вода. За да се направи добар снимен материјал потребно големо искуство во нуркање, стабилност при снимање, да се познаваат навиките на пастрмката и местата на кои се мрести. Најчесто се снимаше на длабочина од 2 до 15 метри, но направивме и доста нуркања до 40 метри длабочина. Овој документарен филм имаше своја промоција во Охрид, но до сега не е објавен во медиум, информираат од „Амфора“.

Додаваат дека во овие тешки времиња кога целиот свет и нашиот народ се соочуваат со големото зло Ковид-19, тие сакаат да дадат свој придонес и на граѓаните да им прикажат интерсна приказна и да им го олеснат престојот во домовите. (Крај)

извор: НЦ „Амфора“ фото/видео: НЦ „Амфора“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука