април 9, 2020

Охрид, април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со легендарниот DJ Славе Ќелешоски, кој во моментов е во Флорида, САД.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Ќелешоски: Секако дека сме загрижени. Овде во САД ги следам официјалните изјави од дневните брифизи на Претседателот Трамп и секако сум загрижен каква е ситуацијата и во Македонија. Овде во Флорида нема комплетна изолација, но препоракате се да не се излегува без потреба да се практикува дистанца, која што секако се практикува.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Ќелешоски: Па не би сакал да давам совети. Инаку по дома вообичаени рутини. Наутро секако по едно кафе, некои од семејството одат на работа, внуците имаат училишна настава на интернет. Потоа договарање што ќе подготвуваме за ручек. Малку е комплицирано – некој веган, некој вегетаријанец и така. По ручекот кој како му одговара. Јас претежно средувам некоја музика што последните години ја пуштам на разни забави и пребарувам музика на YouTube. Се потсетувам на добрата музика од почетокот на 50-тите години. Исто, околу музиката откривам многу традиционална музика насекаде по светот. Голема инспирација најдов во монголската музика и старата италијанска музика од Сицилија и Калабрија.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Ќелешоски: Па доста филмови гледаме навечер секако, а и серии кои што сега се многу популарни. Од филмови последно што го гледав и ми остана во секавање е филмот The Irishman. Серија [то сум ја гледав е Messiah. Исто така одли;на сериjа e Hunter со легендарниот Ал Пачино. Книги не читам искрено поодамна, така да немам што да препорачам.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Ќелешоски: Да, секако храната стана еден вид ритуал што да се јаде. Но, вероватно ќе излезиме со по некое килце повеќе после оваа криза. Убаво е да јадеме полесна храна, но сепак секој има различен вкус. Има повеќе јадења што би ги предложил, а би почнал од најпростото – најобично гравче без месо секако, исто така летна манџа што би рекле. Потоа овошни сокови и секако свежо овошје кое овде на Флорида го има во изобилство. Секако и благо кое не е баш препорачливо, но јас без тоа не можам. На пример Mufffins, Donuts и др. Морам да напоменам дека после секое добро јадење мора да се потроши енергијата, кој со вежбање, кој со возење велосипед како јас.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба:

Ќелешоски: Пред се’ посакувам здравје за сите, каде и да сме растурени по светот. Би се вратил во Македонија како и секоја година по проведената зима на Флорида. Најпрво би се искапил во Дримон, или во езерото што го правам секоја година. После би се среќавал со пријатели и роднини. И секако тука е точачето мое со кое ќе се искачам до Горна Белица, родното место на покојниот ми татко Наум, па надолу кон Вевчани, Октиси, Долна Белица, Враништа, Струга и Охрид. А потоа на сите Off road тури по македонските планини, особено на Мариово. Потоа журки секаде каде што ќе ме побараат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука