мај 8, 2017

Охрид, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Тие беа единствените кои не пеењето, туку танцот како талент ги донесе во финалето на OHRID SUPERSTAR. Пред нив стои нов презивик, учеството на European Grand Prix, еден од најпрестижните танцови натпревари, кој се случува во Барселона.

Комплетно ги освоија симпатиите на публиката, ја добија првата награда, но и се откажаа од неа и ја отстапија на вториот според бројот на гласови од публиката. За причините тоа да го сторат и за новите предизвици разговаравме со Олгица Симеонова, претставник на танцовата група The Passengers, во интервју за Супер Радио и OhridPress.

Супер радио: Вашата танцовa група The Passengers ja формиравте специјално за талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. Како се случи тоа и колку танчери членуваат во неа?

Олгица: Кога разбравме за шоуто на еден од нашите часови по танцување беше предложено да земеме учество на него. Ни се допадна идејата и се собравме 17 најдобри танчери од нашето студио за танц Соната, па работевме три пати неделно по 3 часа со цел да можеме добро да се подготвиме за настапот.

tancerskagrupa2

Супер радио: Има ли некоја симболика името кое ве обединува The Passengers?

Олгица: Името е приказна сама за себе. Дофрлајќи разни предлози од страна на сите членови, испадна сосема случајно името The Passengers. Ohrid SUPERSTAR сите ние си го зацртавме како едно патување кое е незаборавно и ќе ни остане во сеќавање, па мислам дека и предлогот за името совршерно се поклопи со нашата цел и идеја за учеството на талент шоуто.

Супер радио: Жири комисијата ви даде комплимент дека сте готов произовод кој веднаш може да сними спот. Можеш ли да ни ги издвоиш само најголемите успеси кои ги имале членовите на The Passengers, како соло танчери или како дел од други танцови формации?

Олгица: Уф…. сме ги имале премногу. Секоја година во нашето студио се редат се повеќе и повеќе пехари. Сме учествувале на голем број меѓународни натпрвери пред се во странство, и секако на државно ниво и горди сме што секогаш сме биле меѓу најдобрите. До сега за само 5 години имаме освоено 9 први, 2 втори и 1 трето место.

Супер радио: Вие сте прилично сложен организам, бидејќи треба да го искоординирате слободното време на 17-мина, а сепак сите имате и школски обврски. Напорно ли ви беше снимањето на шоуто и имавте ли доволно време да подготвите и да извежбате нова кореографија за една недела, колку што имавте време од емисија во емисја?

tancerskagrupa1

Олгица: Искрено беше навистина напорно, но во исто време и премногу забавно. За време на часовите не се стекнавме само со нови знаења за танцот и нови чекори, туку научивме многу повеќе работи и вредности кои би ни користеле на секое поле во животот. Научивме како да дишеме како едно, како да се координираме, да се лишиме од наше слободно време и занимации како би придонеле за доброто на тимот и секако како заеднички да ги надминуваме проблемите со кои се соочуваме. Тоа е нешто што не можеме да го научиме на училиште. Сминањето не беше напорно, туку напрoтив премногу забавно и тоа благодарние на водителите Александра и Даниел кои навистина ни помогнаа во надминување на тремата.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што тебе лично ти остави најголем впечаток од целото шоу?

Олгица: Она што трајно ќе остане од нашето учество на Ohrid SUPERSTAR се пријателствата кои таму се случија. Дури сите чекавме да ни дојде редот за настап, ние танцувавме, тие пееја, други не забавуваа со глума, со стендап, битбокс… се на се бевме супер целина која си делеше совети како да се надмине тремата. Побогати сме за искуствотото како се снима едно телевизиско талент шоу. Всушност целата организација, вклучително и реaлизација на шоуто од емисија во емисија стануваше се` подобра и подобра. Би сакала ова шоу да се случува секоја година и да биде можност и други да го доживеат она што ние го доживеавме.

Супер радио: Изненадувачки беше моментот кога се откажавте од првата награда од публиката која значи песна и спот од Даниел Јовески и наградата ја предадовте на вториот по број на гласови од публиката, на Билјана Буџакоска. Сакаме да слушнеме за причините поради кои донесовте таква одлука?

Олгица: Нема да го криеме дека наша цел беше паричната награда од 2.000 евра, кои сакавме да ги искористиме за да покриеме дел од трошоците потребни за реализација на патување до Барселона, во месец јуни. Поканети сме на престижен танцов натпревар European Grand Prix, каде не би можеле да учествуваме доколку немеме спонзори кои би помогнале да се покријат барем дел од трошоците. Така одлучивме доколку се случи да добиеме било која награда освен паричната, да се откажеме од неа и сцената да ја искористиме да го привлечеме вниманието на фирмите и поединците кои се во можност и сакаат да ни помогнат.

tancerskagrupa3

Супер радио: Од тогаш го слушна ли некој вашиот глас, Ве контактирале ли некои фирми за да ви помогнат?

Олгица: За жал не. Но уште веруваме дека ќе се најде некој кој ќе ни помогне да ни се оствари сонот. На крајот на краиштата- нашето учество на тој натпревар значи претставување на Охрид и Македонија. И еве уште еднаш можност да го повикаме бизнис секоторот да ни помогне да се натпрвеаруваме рамо до рамо со најдобрите од Европа. Млади сме и сакаме да сонуваме – и искрено се надеваме дека нашиот сон нема да остане само сон и дека ќе се најдат луѓе кои ќе ги помогнат младите – зашто нели СВЕТОТ Е НА МЛАДИТЕ.

Супер радио: Кој е кореографот, кој ги смислува кореографиите кои ги покажавте?

Олгица: Кореографиите се мое дело и дело на Јетон Мусли кој е исто така и најстариот и најискусниот член во нашиот тим. Навистина можам да кажам дека сите дечки од The Passengers заедно со мене, му сме неизмерно благодарни за неговиот труд, креативноста и идеите што имаа удел во тоа ние да станеме пред се финалисти, а потоа и избраници на охридската публика.

Супер радио: Што е тоа што Олгица и останатите од The Passengers си го прераскажувате после шоуто, моменти на кои се навраќате од ново и од ново. Има ли нешто што вечно ќе го паметите?

Олгица: Премногу моменти ми прелетуваат низ глава кога ми е поставено ова прашање, но како најбитни на сите нас седумнаесетмина ќе ги напоменам долгите проби, во просториите на нашето студио, кои знаеле да траат и до доцни часови после полноќ, безброј насмевки, премногу преморени, но сепак ентузијастички лица. Не можам а да не се сетам на моите „киксови” пред камерите во backstage-от и кикотењето од моите дечки во позадина. Сепак најважното и она што на сите ќе ни остане во спомен дружбата и новоите пријателства со останатите финалисти и сите учесници во шоуто.

Супер радио: Што се случи со The Passengers после шоуто?

Олгица: The Passengers постоеше и ќе постои во различни форми создадени за различни настани… Се наближуваат поготвовки за претстојните државни натпревари, а една од сегашните најважни е подготовката за European Grand Prix и како што погоре кажавме се надеваме дека цел тој труд нема да биде за џабе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука