јуни 19, 2020

Сан Франциско, 19. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Twitter оваа недела започна со тест преку кој на своите корисници им овозможува да го снимат својот глас и да го објават како дел од нивниот „твит“. Тестот е за почеток ограничен кај одреден број на корисници и само на iOS апликацијата, без најава кога истото може да се очекува на Android.

Објавата на гласовен „твит“ се прави од истиот дел каде се внесува текстот, со притискање на новото копче поставено до копчето за додавање на слика. Корисниците ќе можат да снимаат до 140 секунди, но доколку дојдат до ограничувањето, снимањето ќе продолжи како нова посебна снимка.

По завршување на снимањето, корисникот се враќа на делот за објава на „твит“, по што може да го објави текстот и гласот.

При снимање се прикажува профилната слика од корисникот, а истата ќе се гледа и на местото каде што ќе стои снимката на објавата.

Корисниците ќе можат да притиснат на објавата, поточно на профилната слика со икона на снимка, по што на посебна лента на долниот дел од апликацијата ќе се појават контролите, а ќе може да се продолжи со разгледување на другите објави од Twitter.

Со оглед дека уште се работи за тест, сигурно ќе има одредени работи кои ќе треба да ги „испеглаат“ од Twitter за оваа нова функција, а посебно ќе биде интересно да се види како тие ќе ги применуваат своите правила на регулирање што се објавува за гласовни објави. (Крај)

извор: Smartportal фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука